Здружението на граѓани „ Младински центар Охрид“ , денеска, писмено  од градоначалникот Александар Петрески и претседателот на Советот на општина Охрид Душко Јаковчески побара поддршка за отворање на широка дебата за кризните состојби во охридското здраство.
 
Имајќи ја во предвид катастрофалната состојба во секундарното здраство во  Охрид и криминогените случувања со затворањето и реконструкцијата на старата зграда на општата болница, апелираме  за остварување  на заклучоците  донесени на седницата на Советот на општина Охрид одржана на 2. 12. 2011 година. Од министерството за здраство  побаравте информација за состојбите во охридското здраство и мерки за негово подобрување, но побаравте и лоцирање на одговорноста за тоа кој е виновен за доцнењето на реконструкцијата на старата зграда на болницата. За жал, засега јавноста не доби одговор што се случи со вашите барања, се наведува во писмениот допис .

Во дебатата би биле поканети да се вклучат невладини организации, граѓаните,  експерти , медиуми  и останатите општествено одговорни структури, како што велат од МЦО, со цел  заедно да  се запре  уништувањето на здраството во Охрид.

OhridNews