Целта на утрешниот протест во 5 до 12 пред Општата болница е да се искаже револт против уништувањето на охридското здравство и игнорантскиот однос на централната власт кон Охрид, изјавија на денешната прес конференција, организаторите на протестот, од Здружението на граѓани „ Младински центар Охрид“.


Поради нечија негрижа, неразумност и неодговорност, Охрид повеќе од 15 месеци е оставен без елементарна здравствена заштита. Во септември 2010 година се сруши највиталниот дел од Општата болница, со што околу 60 илјади граѓани останаа без гинекологија, хирургија , анестезиологија, урологија и Одделение за уво, нос и грло. Ветија дека за шест, потоа за дванаесет, па за  16 месеци, дека ќе ја завршат реконструкцијата на болницата, но сведоци сме дека работите не се тргнати од почетната точка и дека овој горлив проблем ќе биде решен во догледно време, велат од неодамна формираното здружение, за кое најавениот протест е прва проектна активност.


Од општинската ВМРО- ДПМНЕ најавениот протест го оценуваат како обид на градоначалникот Александар Петрески да ја одбегне вината за самоволното подигање на цената на комуналните услуги и да го сокрие се поизвесното продавање на МЈП Проаква. 


Сега преку невладина организација, Петрески поттикнува таканаречен протест за состојбата со здравството во Охрид. Тврдиме дека Александар Петрески и СДСМ се организатори протестите. Знаеме дека градоначалникот издал наредба до сите вработени во локалната смаоуправа и јавните претпријатија задолжително да присуствуваат на таканаречените протести . Им порачуваме на вработените да не подлегнуваат на пристисоците, тие се државни службеници и се должни и одговорни кон сите граѓани. Скандалозно е што петрески издал наредба на сите вработени во општинската администрацијата и јавните претпријатија да им се одземат по 200 денари и на раководителите по 300, со цел да се покријат трошоците за протестите, изјави на денешната прес- конференција, преседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов.

Тој потенцира дека ВМРО- ДПМНЕ очекува да се интензивираат активностите  за изградба на Општата болница со што Охрид ќе добие најсовремена здравствена установа на балканските простори.

OhridNews