Поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак во саботата е осуден на доживотен затвор поради убиствата на демонстрантите во текот на бунтот против неговото децениско владеење, се наведува во пресудата на судот во Каиро, јавува „Макфакс“.
Судењето на 84-годишниот Хосни Мубарак започна во август минатата година, а целата постапка во судницата ја следеше од специјална болничка постела. Неговата здравствена состојба за цело време на процесот беше предмет на спорење, па се јавија шпекулациите дека е болен од срце и од карцином, но тоа беше демантирано од египетското министерство за здравство.
На судот пред Мубарак пристигнаа неговите синови Алаа и Гамал, поранешниот министер за внатрешни работи Хабиб ел-Адил и шест поранешни високи функционери на службите за безбедност на коишто исто така им се судеше за убиствата на демонстрантите во текот на ткн Арапска пролет.
Мубарак на обвинението се изјасни дека не се чувствува виновен.
Веднаш по прочитувањето на пресудата, избувнал жесток вербален па потоа и физички судир меѓу адвокатите на двете страни и роднините на жртвите и на осудените во самата судница на Полициската академија во Каиро.
Веднаш по изрекувањето на пресудата во салата почнале извици со барање за казна за Мубарак, а потоа набрзо во партерот избувнала тепачка.
На доживотен затвор е осуден и поранешниот министер за внатрешни работи Хабиб ал-Адли. Сите други обвинети се ослободени. Синовите на поранешниот претседател Гамал Алаа се ослободени од обвинението, поради застареност.
Обвинителството бараше смртна казна за главните обвинети, Хосни Мубарак и поранешниот министер за внатрешни работи на Египет, Хабиб ал-Адли. Нивните адвокати побараа ослободителна пресуда.
Во текот на растурањето на масовните народни демонстрации на крајот од јануари и почетокот на февруари минатата година, што на крајот доведоа до падот на поранешниот претседател Мубарак, загинаа повеќе од 800 лица, а неколку илјади беа ранети.
извор:„Макфакс“