Пратниците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски се помеѓу првите обвинети што добија амнестија за крвавиот четврток, потврдуваат од Основниот суд Скопје 1 за „Макфакс“.

Покрај петте пратеници, амнестија е одобрена и за вработените во кабинетот на поранешниот претседател на Собранието, Елена Божиновска и Иван Цветановски, како и за обвинетиот Захарије Симовски, браќата Стефан и Михаил Младеновски, Митре Питроповски и Илија Славевски.

По барањата за амнестија одлучувал кривичен совет. Други одлуки се очекуваат во текот на утрешниот ден.

Од Јавното обвинителство информираа дека до денеска пристигнале 66 барања за амнестија, од кои за 12 биле дадени позитивни мислења. Судот, иако имаше рок од 5 дена да одлучи, не чекаше толку долго, па амнестијата била донесена уште денеска. Обвинетите на кои ќе им биде одбиено барањето за амнестија имаат рок од 3 дена за жалба по издавање на решението.

Од 33 обвинети за 27 април, барање за амнестија не поднесоа само Митко Чавков, Душко Лазаров, Игор Југ, Јане Ченто и Игор Дурловски.