Смени, расправии и превирања во детската градинка „8-ми Март“ во Струга, откако вработените и родителите јавно проговорија за просторните, кадровските и техничките проблеми на установата каде поради немање услови се згрижени речиси двојно повеќе деца од капацитетот. Утрово во објектот Пеперутка дошло до жестока расправија помеѓу незадоволни родители Албанци, раководителот и вработените, по која педагогот Душанка Опетческа поради зголемен крвен притисок завршила во струшката болница.

Педагогот рече дека физички не била нападната, но се пожали дека од страна на еден родител била навредувана и и’ биле упатени сериозни закани, а наводно причина за расправијата била намената на една слободна просторија во градинката, додека дечињата се стискаат во групи значително поголеми од стандардните.

-Ми рече: Сега дојде време ѓубре едно ти да бидеш исфрелена, а кога ќе те исфрлат ќе те тепам. На тоа јас одговорив тепај. Настана викање, турканици, децата се вознемирија и почнаа да плачат. – изјави педагогот Душанка Опетчевска.

Опетчевска тврди дека родителите кои учествувале во расправијата  биле поддржани од воспитувачката Мириме Жута Османи, која со одлука на градоначалникот на Струга Зиадин Села е назначена на функцијата вршител на должност директор на детската градинка „8ми Март“ на местото на Сашо Клечкароски кој е разрешен. Села објаснува дека на ваков чекор се решил поради непочитување на законот од страна на разрешениот раководител, поради непочитување на законите и етничка поделба на децата.

-Нема да дозволам настава на една паралелка на албански јазик да се одвива во ходник, додека во друг објект од таа установа има слободна просторија за одвивање на воспитни активности. Кон секој кој ги дели децата по етничка основа, како ексдиректорот, ќе преземам мерки за разрешување, оти на таквите местото не им е во воспитните установи. – изјави Села.

На состојбите во струшката градинка реагираше општинската организација на СДСМ, според која се работи за политичка игра.

-Очигледна е предизборната политичка игра на коалицијата на власт во Струга меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Зиадин Села. Прочитана е намерата пред секои избори да глумат меѓусебна кавга на штета на меѓуетничките односи, а сега и на штета на децата. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Села во минатиот период имаа шанса да го решат просторниот проблем, да го обезбедат потребниот кадар и да ги обезбедат сите услови што ги пропишува законот. Не го направија тоа. Да обезбедеа минимални услови во градинките ова денес немаше да биде никаков проблем. Срамота и греота е нивната неспособност да ја покриваат на ваков начин. Децата и нивните родители не смее да бидат жртва на политички игри. – стои во партиската реалција.

Во тесните простории на градинката во Струга до сега успешно функционираа мешани групи во кои се воспитуваа деца од различни етнички заедници. Дел од воспитувачите стравуваат дека со последните случувања нивното натамошно постоење може да биде загрозено . Како што пишуваше OhridNews, во струшката градинка која има капацитет за 310 деца, згрижени се 544, а речиси 200 се на листа на чекање. Општината тврди дека со години бара од Министертсвото за труд и социјала одобрение за нови вработувања и преадаптација на просторот, но одговор нема. Ресорното министерство и надлежниот инспекторат засега молчат за случувањата во струшката градинка.

Г.М.

Смена на директорот и жестоки расправии во струшката детска градинка