Денешната заедничка средба е доказ за меѓусебната убеденост во важноста од унапредување на регионалната соработка, што претставува еден од нашите главни приоритети, рече директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски во воведното обраќање на почетокот од мултилатералната работна средба на која присуствуваат директорите на полициите од Република Северна Македонија, Република Црна Гора и Република Босна и Херцеговина, што денес се одржува во Охрид, а посветена на регионалната соработка и партнерство во областите од безбедноста, информираат од МВР.
Придонесувајќи кон регионалната безбедност, рече Тасевски, придонесуваме за стабилност и на нашите земји и на земјите од регионот, а тоа се пресликува и на глобално ниво.
На сите ни е повеќе од јасно дека заканите од криминалот се променливи, динамични, асиметрични и комплексни безбедносни појави и токму затоа, сите ние сме отворени и убедени во предностите од регионалната и меѓународната соработка во борбата против сериозниот и организираниот криминал, рече Тасевски, нагласувајќи го фактот дека БЈБ при МВР остварува полициска соработка со службите за спроведување на законот на земјите од Западен Балкан и пошироко.

OhridNews












