Од 8 до 13 јуни 2026 година во Охрид се одржува летен театарски камп „Конференција на животните 2.0 – Гласови за иднината“, организиран од Гете-институт Скопје. Ученици од четири училишта од Скопје, Охрид, Гостивар и Прилеп заеднички создаваат мултимедијална театарска претстава. Јавната изведба ќе се одржи утре со почеток во 20:00 часот во дворот на црквата „Св. Софија“ во Охрид.

Поаѓајќи од идејата на „Конференција на животните“, инспирирана од истоимената книга на Ерих Кестнер, младите преку своите животински ликови дискутираат за клучни прашања на современиот свет – за состојбата во светот, глобалните и локалните предизвици, а особено за иднината на децата. Во фокусот се ставени перспективите на младата генерација, чии размислувања, грижи и надежи уметнички се пренесуваат на сцената, велат од Гете-институтот.

Под водство на двајца германски експерти, еден од областа на театарот и еден од областа на мултимедиуми, посочуваат дека учесниците низ театарски, јазични и медиумски работилници развиваат улоги, дијалози и сцени, при што ги поврзуваат театарот, јазикот и дигиталните медиуми.

Посебна карактеристика на претставата е нејзината повеќејазичност: таа се изведува на македонски, албански и германски јазик и обединува различни културни и јазични перспективи во едно заедничко театарско доживување, потенцираат.

Настанот, додаваат, дека е отворен за јавноста, а сите заинтересирани се срдечно поканети да бидат дел од оваа посебна вечер под отворено небо, во единствената атмосфера на Охрид, и да ги поддржат младите таленти.

Проектот е дел од иницијативата ПАШ („Училишта: партнери на иднината“), која на глобално ниво го промовира изучувањето на германскиот јазик и меѓународната размена меѓу младите.

OhridNews