Индискиот магнат Субрата Рој, сопственик на компанијата Сахара Индиа Паривар, по петочната средба со премиерот Никола Груевски и владиниот економски тим, најави влез во голем бизнис во Македонија, без да прецизира во која област.

Конечната одлука ќе биде донесена по неколкудневната обиколка на земјата, по што ќе следува и запознавањето со можностите за инвестирање. Задоволен од податоците што ги слушнал за економските перформанси за земјата и нивото на кое е пречекан во земјата, Рој најави влез во голем бизнис и производство што ќе биде извозно ориентирано.

„Не е можно да квантифицирам нешто во оваа фаза. Само што стигнав, оставете ми неколку дена. Можам да ви кажам дека не сме дојдени за нешто мало, туку за нешто големо, бидејќи малите работи не се соодветни за нас. Можам да ви кажам дека Сахара Индиа Паривар започна со 40 долари во 1978 година, а сега вредиме околу 25 милијарди долари“, рече Рој на заедничката прес-конференција со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Целта, според Ставрески, е да се остави добар впечаток на преставниците од индиската компанија преку презентирањето на инвестициските можности. Поконкретно наведе и неколку области за кои е покажан првичен интерес од страна на Рој.

„Генерално впечатокот е многу позитивен од негова страна и постоеше голем интерес во делот на потенцијални инвестиции, пред сè во агро-бизнисот и преработката на одделни производи во агро-бизнисот, исто така во делот на туризмот и хотелиерството, како и неколку други области како што се можностите за инвестиции во областа на градежни објекти, недвижности, во областа на развојот на туристичките зони и во областа на минералните суровини“, рече Ставрески.

Рој, меѓу другото, изрази и подготвеност да инвестира во споменик на Мајка Тереза во Скопје.

OhridNews
извор: „Макфакс“