За прв пат во историјата на Охридско лето, фестивалот ќе биде отворен со проект во продукција на националната установа.
Станува збор за театарскиот триптих „Ромео и Јулија“ од Шекспир, во режија на Дејан Пројковски – интернационален проект кој ги обединува театарот, операта, балетот и музичката уметност. Носител на проектот е Битолскиот народен театар, во копродукција со Македонската опера и Балет и театарот „Вера Комирсажевскаја“ од Санк Петербург – Русија, а во проектот ќе бидат вклучени и Народниот театар од Охрид и Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид.
– На сцената ќе имаме минимум 30 актери, 70 музичари, оркестар, хор, 40-на балетски уметници, циркуски акробати, оперски пејачи, а ќе има и визуелени ефекти, истакна Ѓорѓи Јолески, кој останува драмски селектор на фестивалот и во оваа 2012 година.
Програмата за 52-то Охридско лето беше промовирана денеска на прес конференција во хотелот „Горица“, на која беа соопштени детали и за музичката програма, која како што изјави исто така староновиот музички селектор Гордана Јосифова Неделковска, ќе понуди ексклузивни уметнички имиња кои до сега не гостувале во Охрид. Меѓу нив се и светски познатиот пијанист и композитор Мишел Камило, како и светската вокал атракција, ансамблот „Перпетум Џезиле“ кои ќе настапат на роденденот на Охридско лето на 4 август на Античкиот театар.
Директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска истакна дека управата прави напори за успешна реализација на амбициозната програма, нагласувајќи дека паралелно со подготовките за 52-то издание се работи на отколување на проблемите со кои се соочува националната установа.
-Фестивалот Охридско лето е наша најзначајна културна манифестација и тој е над се и пред се. Но, истовремено свесни сме за проблемите и долговите кои не негираме дека ги има. Подготвен е акционен план и верувам со помош и поддршка која ни е неопходна, ќе ги решиме истите во интерес на фестивалот, рече Јанкуловска.
Од фестивалската управа најавија поголема транспарентност во работењето, за што наскоро во функција ќе биде ставен и прес центарот на Охридско лето.