Музејот на вода во заливот на коските во Градиште речиси двојно ја зголемил посетата во однос на минатата година. Иако годината сеуште не е завршена, надлежните институции се исклучително задоволни од посетеноста на овој културен комплекс. Летово тука покрај домашните, доаѓаа и странските туристи кои се импресионирани од реконструираната наколна населба во Градиште.


Реконструираната наколна населба во Градиште

Остварените резултати, велат одговорните, се најдобар одговор на бројните критики во јавноста дали изградбата на Музејот на вода била оправдана инвестиција или не.

-Музејот  на вода секојдневно прима се повеќе луѓе. Минатата година од влезници биле остварени околу 1,6 милиони денари оваа година само за 7 месеци има 2,8 милиони денари. Овие бројки говорат дали била вносна и оправдана таа инвестиција или била залудна. Јас мислам дека  таа е оправдана не само од туристички туку и од научен и културолошки аспект, изјави неодамна во разговор за OhridNews, Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Наколната населба во Градиште е реконструирана автентично на остатоците од праисториската неолитска населба во подводниот археолошки локалитет „Плоча – Миќов град“. На платформата која се издига во Заливот на коските  изградени се 24 неолитски куќички во кои се изложени предмети пронајдени за време на 8-годишните археолошки истражувања на подводниот локалитет.

Наколната населба со патека е поврзана со Римската тврдина која  се издига во месноста Кула кај Градиште.

OhridNews