Учениците од Основното музичко училиште “Методи Патче” продолжуваат да ги нижат успесите, освојувајќи ги највисоките признанија на државните и меѓународни натпревари. Овој пат со своето музицирање го воодушевија  меѓународното жири составено од светски прочуените гитаристи на вториот по ред Меѓународен фестивал за класична гитара “Тремоло”, кој од 2- ри до 5- ти декември се одржа во Скопје.

Во рамки на фестивалот се одржа интернационален натпревар за класична гитара во седум категории, на кој се натпреваруваа кандидати од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Грција. Охридските музички таленти освоија неколку награди, меѓу кои и највисокото признание на фестивалот.


Првата награда Гран при и лауреат ја освои охриѓанката Анастасија Милеска, ученичка во МБУЦ “Илија Николовски Луј” во класата на проф. Дарко Багески. Со тоа на Милеска и припадна и наградата во висина од 600 евра, како и бесплатното учество на неколку реномирани фестивали во текот на наредната година, како и можноста да посетува мастер часови кај познатиот хрватски професор Џевдет Сатчија на Летната школа која ќе се одржи на островот Брач во Хрватска.



Првата награда од втората категорија ја освои Татјана Ѓорѓиеска ученик во ОМУ “Методи Патче”, додека пак третата награда во третата категорија ја понесе охриѓанецот Дејан Милевски, ученик во МБУЦ “Илија Николовски Луј”. Третата награда од првата категорија отиде во рацете на Артон Цветаноски.

Наградените се поранешни и сегашни ученици на Александар Крстаноски, професор по гитара во ОМУ “Методи Патче”.

         

Освоените награди на престижни фестивали значат многу, пред се како лична сатисфакција за мене како нивни професор и мотив за понатамошна работа. Во нашето училиште има талентирани ученици, но многу е тешко да се негува нивниот талент поради недостигот од финансиски средства. За да се напредува неопходно е да се учествува на меѓународни или државни натпревари, како и да се посетуваат мастер часови кај познати професори. За сето тоа потребни се средства кои дел од учениците не можат да ги обезбедат. Кога учествуваме на фестивали или натпревари трошоците во целост сами ги покриваме. Затоа е неопходна поголема подршка од надлежното министерство, со цел талетрираните ученици да имаат посебен третман и да можат да напредуваат, вели  проф. Крстаноски.


Фестивалот за класична гитара “Тремоло” се одржа во организација на Детскиот културен центар – „Карпош“ и Град Скопје.

OhridNews