Во рамки на петтата по ред Франуцска вечер на програмата на Охридско лето синоќа настапи францускиот виртуоз на хармоника и бандонеон  Ришар Галијано заедно со „Тангариа квартет”. Преполното предворје на  катедралната црква „Св.Софија” беше  доказ за големиот интерес за овој музичар кој длабоко ги освои симпатиите на публиката со неговиот  концерт насловен „Вечер на танго”. 


„Навистина го засакав градов и неговите убавини, а особено сум презадоволен од тоа како ме прими публиката. Благодарен сум за поканата да настапам во ваков природен и редок амбиент.” – изјави Галијано.


 
„Специфичноста во музицирањето на  Галијано  се состои во неговата убедливост, мајсторството на фразирањето и способноста да извлече широк спектар на бои од хармониката. Тој е навистина голем уметник кој успеа хармониката и бандонеонот да ги донесе од поп музиката во светот на класичниот оркестар. Нашата цел е секоја година преку соработка со Француската амабасада во Македонија, Францускиот институт и Охридска банка да покануваме еминентни и афирмирани имиња од француската музичка елита  за оваа вечер посветена на Франција”– вели селекторот на музичкиот дел на фестивалот, Гордана Јосифова- Неделковска.


„Француската  вечер на Охридско лето е многу важен дел од културната соработка  помеѓу  Македонија и Франција и ни претставува особено голема чест и задоволство што преминува во традиција.”– изјави  Карен Роше, француска амбасадорка во Македонија.


Настапот на Галијано на Охридско лето е подджан од „Охридска банка.

„Охридска банка апсолутно го поддржува и се залага за овој настан на Охридско лето и сметаме дека е наша должност да ја продолжиме  и натаму оваа плодна, значајна  и тројна соработка “- изјави Јитка Пантучкова, претседател на Управниот одбор на Охридска банка.


Задоволството кај публиката во текот и после концертот беше на највисоко ниво. 

„Многу сум задоволен што присуствував  на концертов, една врвна изведба, за техничкиот аспект мојот коментар е совршенство “-вели посетител кој дошол од Естонија во Охрид специјално за концертот на Галијано.

„Тој успеа така мајсторски да ни ги пренесе неговите емоции и љубов кон музиката, едноставно незаборавно музичко доживување. Толку се соживеав и уживав во овој француски мелос со кој ме потсети на тамошната култура,  прекрасно нешто да се види, чуе и да се доживее.”

„Симпатичен настап, особено ме погоди неговата изведба на ,, Мртво лисје”.Едноставно ме остави без зборови.”

,,Ретка шанса во Охрид да се чуе џез музика и тоа од ваков светски глас. Секоја пофалба за идејата да се донесе овој артист тука и за нас да имаме ваква уникатна  шанса да уживаме во уметници од светски ранг, врвни виртуози на својот инструмент.” –беа дел од импреиите на публиката.


Француската вечер на Охридско лето се одржува благодарение на соработката со Амбасадата на Република Франција во Македонија, Францускиот институт- Скопје и Охридска банка-Социете генерал гроуп. Изминативе години исклучителни концерти реализираа квартеот ,,Ардео”, камерниот оркестар ,,Тулуз” заедно со диригентот  и солист Жозеф Андре и пијанистот Антонио Сорија, како и пијано концертот насловен Шопенова вечер со пијано уметникот Жером Гранжон.

Ивана Чичоска
фото: Емилио