Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди ја заврши интерната истрага по претставката доставена од Здружението на новинари на Македонија.
-Од увидот во целокупниот виедео материјал, како и од извршените разговори, не може да се констатира прекумерна употреба на сила или пречекорување на овластувањата. Напротив, постапувањето на полициските службеници е согласно Законот Собрание, Законот за полиција, Кодексот на полициската етика и подзаконските акти. Оттаму, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди цени дека претставката поднесена од Здружение на новинари на Македонија за незаконско и непрофесионално постапување на полициски службеници на ден 24.12.2012 година во Собранието на РМ е неоснована.-стои во соопштението на МВР.
Во извршените разговори со одговорните лица во Собранието било констатирано дека со обидот за отпочнување на закажаната пленарна седница, во објектот на Собранието ескалирале нарушувањата на редот од страна на група пратеници. Вон демократските процедури имало обиди физички да се пресметаат со Претседателот на Собранието на Р. Македонија попречувајќи го во извршувањето на функцијата за која има добиено мандат. Опколувањето и физичкото посегнување кон него биле проследени со бројни навреди и закани, но и уништување на опремата со која работат пратениците во салата.
Заради заканите по безбедноста Претседателот на Собранието на Р. Македонија морало да биде евакуиран, но блокирањето на говорницата и насилното попречување на редовното работење продолжи и натаму.
Врз основа на член 43 од Законот за Собрание на РМ, Претседателот побарал да се воспостави ред во собраниската сала и да се создадат услови за отпочнување на пленарна седница. Во координација биле договорени задачите и начинот на кој што ќе се постапи по барањето на Претседателот на Собранието. Во однос на претставниците на медиумите кои се наоѓаа во галеријата која е дел од собраниската сала, било проценето дека треба да им се укаже да ја напуштат салата се до создавањето на услови за нормално работење на Собранието и отпочнувањето на седницата.
Заради тие причини им било укажано на новинарите да ја напуштат галеријата и случувањата да ги следат од прес центарот, односно просторот исто така предвиден за нив, се до воспоставувањето ред и создавањето услови по кои би отпочнала седницата.