100 нови возила ќе бидат набавени за потребите на Министерството за внатрешни работи. МВР во четвртокот објави јавен повик за прибирање на понуди за набавка на нови сто моторни возила во полициска изведба.Предвидено е тендерот да трае 40 дена, односно отворањето на понудите кои ќе пристигнат во наведениот рок е закажано за 5 јуни.

Како што соопштуваат од МВР, како и во претходниот тендер при набавка на полициските возила, повторно единствен услов е цената на која отпаѓаат сите бодови, односно јавната набавка ќе му припадне на оној понудувач кој што ќе конкурира со најниска цена на електронската аукција која што ќе биде дополнително закажана.

Право да учествуваат на електронското наддавање ќе имаат сите понудувачи кои ги исполнуваат претходно предвидените услови за учество на тендерот. Плаќањето е предвидено да биде на 36 месечени рати во текот на важноста на договорот, при услови со 0% учество при купување на возилата. Првата рата на исплата на возилата ќе биде   во рок од 30 дена од целосната испорака на возилата. Се бара рокот на испорака да биде не подолг од 90 дена од склучување на договорот, со место на испорака во Скопје во објект на МВР.

Од понудувачите се бара минимум гарантен период на возилата: на мотор и подвозје минимум 36 месеци или 100.000 км; на надворешен лак три години и на каросеријата од корозија 12 години. Предвидено е истите да понудат и 10 часовна обука на технички кадар на МВР за ситни поправки и периодично одржување и каталог на резервни делови на возилата.

Исто така се предвидуваат и посебни услови за вградување на резервни делови кои не се предмет на гаранција во текот на гарантниот период (случаи кои не се опфатени со гарантните услови и условите за сервисирање за 36 месеци)- максимум 15% маржа на набавната цена на деловите(според ино фактура). Попуст од 30% на редовната цена на норма час.

Понудувачите понатаму се обврзани и на три години бесплатна „шлеп“ служба во случај на дефект на возилата, на територијата на РМ, како и бесплатна техничка проверка на исправноста на возилата на секои 6 месеци, во овластен сервис/ сервиси на економскиот оператор.

Трошоците за одржување за сервисирање и потрошен материјал (замена на масло и филтер за масло на секои 10.000 км, замена на филтер за воздух, филтер за гориво и други потребни филтри согласно упаствата од производителот, 4 зимски/летни( во зависност од тоа со какви пневматици ќе биде испорачано возилото) пневматици индекс Н, едно дополнување на клима уредот со средство за ладење,) за времетраење на договорот (36 месеци), исто така се на товар на економските оператори – понудувачи.

OhridNews