Миистерството за внатрешни работи – МВР, вечерва потврди дека поранешниот премиер Никола Груевски, кој требаше да се јави на отслужување казна затвор во траење од две години по правосилна пресуда за предметот „Тенк“ на СЈО, пребегал во Унгарија. Тој таму побара политички азил, а државата по него распиша меѓународна потерница.

По направените соодветни проверки, Министерството за внатрешни работи утврди дека лицето Никола Груевски, кое се бара заради извршување на казна затвор во траење од две години за сторено кривично дело- примање награда за противзаконито влијание, се наоѓа во Република Унгарија. Министерството за внатрешни работи на Република Македонија доби и потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Република Унгарија и дека побарал азил. Министерството за внатрешни работи го информира Основниот суд Скопје 1, по што Судот треба да издаде решение за распишување на меѓународна потерница за осуденото лице Никола Груевски.

МВР

Како Груевски успеал да избега од земјата имајќи предвид дека му беше одземен пасошот, а имаше и полициска заштита, отвора многу прашања, зачудува, но и подгрева шпекулации. Надлежните институции меѓу себе си ја префрлаат одговорноста за пропустот, а во јавноста се плетат приказни за разни сценарија кои сериозно ја поткопуваат правната држава и системот воопшто.

Oва не е прв случај на бегство на обвинети и осомничени во предмети на Специјалното јавно обвинителство, што дополнително фрла сенка на функционалноста на државните институции и принципите на правда и правичност.

OhridNews