Министерството за внатрешни работи, утре ќе распише Јавен оглас за прием на нови 400 извршители на работно место „Полицаец“ за работа во Министерството, трет по ред конкурс што ќе се реализира согласно веќе стандардизираните критериуми. Кандидатите кои ќе ги исполнат условите и кои ќе бидат избрани по направената селекција, ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи. По завршување на основната обука кандидатите за полицаец ќе склучат и договори за вработување во организациските единици сместени во Скопје.
Постапката за селекција на кандидатите ќе ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец, во пет фази. По завршување на физичкиот дел, ќе следува писмено тестирање кое опфаќа општообразовен тест и психолошки тест, по што ќе се спроведува поединечно интервјуирање, односно разговор со секој кандидат за полицаец, кој ги поминал претходните фази. Последна фаза во селекцијата ќе бидат здравствените прегледи, односно проверката на здравствените и психофизичките способности на кандидатите.
Пријавата со потребната документација, кандидатот е должен да ја поднесе лично во едно од определените места за пријавување, и тоа: СВР Скопје, како и во останатите Сектори за внатрешни работи- во Охрид, Битола, Велес, Куманово, Тетово, Струмица и Штип.
Кандидатите може да конкурираат веднаш по објавувањето на огласот, а рокот за доставување на пријавите е 15 дена. Ненавреманата и непотполната документација нема да се разгледува.
Заедно со 700–те кандидати кои беа примени во претходните две години, Министерството по завршување и на овој конкурс ќе добие вкупно 1.100 нови млади полициски службеници.
OhridNews