Плачкосувањето и кражбите на селските домаќинства во селото продолжуваат од организирани банди и поединци како во најлошите периоди и времиња од минатото. Се краде буквално се што се може: од метални куќни предмети до храна, накит, пари- е заклучокот донесен на работниот состанок на советот на месната заедница на село Куратица на кој се расправаше за актуелната состојба во селото, со посебен акцент на криминалните дејствија на плачкосување на селските домаќинства.

Од Советот на месната заедница потенцираат дека од нивна страна било навремено реагирано и пријавувано за сите овие настани до СВР Охрид во текот на целата зима.

– За жал, од институцијата која е најповикана да ги заштити жителите на селото секогаш добивавме одговор дека “немаат доволно докази, не се работи за големи кражби и слично…”. Голем дел од жителите на селото веќе се спремни, заради заштита на своите домови и семејства, да се послужат со радикални методи на самозаштита со употреба на различни методи на самоодбрана. Во тој случај, ве опоменуваме дека постои можност да дојде до несакани последици и жртви, велат од месната заедница.

Тие апелираат за што побрзо превентивно делување од надлежните со цел да се изврши фактичка истрага за случаевите  во селото, да се пронајдат виновниците и истите да се казнат, додека не се случиле многу посериозни последици.

– Ова го кажуваме за да нема потоа чудење и прозивки дека не се реагирало на време. Едно од основните права на секој жител каде и да е е да му се обезбеди лична сигурност и безбедност на неговиот имот од државните служби кои се платени од народни пари за да си ја вршат работата, велат од МЗ Куратица.

OhridNews