Од Месната заедница на село Трпејца потсетуваат дека рокот од пет дена којшто им бил даден на надлежните служби и институции за да ги спроведат Решението и Записникот за рушење на дивите градби во село Трпејца подигнати од страна на инвеститорот ИВИРЕ, истече . Поради тоа, велат од МЗ, останува заклучокот дека деновиве ќе се премине на мирни протести со блокирање на меѓународниот пат : Охрид – Свети Наум кај Трпејца, како демократско право за  да се разбуди заспаната совест на институциите. Нагласуваат дека блокирањето уредно ќе биде најавено, а терминот и должината на протестите дополнително ќе се соопштат.

Од месната заедница  информираат дека деновиве,  на негово барање во Трпејца било разговарано и со градоначалникот на Општина Охрид, Александар Петрески кој бил придружуван од раководителот на Општинскиот  инспекторат, Танас Танасоски. Од градоначалникот добиле  уверувања за решавање на проблемот, односно рушење на погоре споменатите диви градби во рок од десет дена. Следниот ден претставници на Општинскиот инспекторат на дивите градби на ИВИРЕ во Трпејца доставиле известување за забрането користење на објекти. Бесправно изградени објекти – 14 мај – 2012 . 

Но и по оваа и по претходната средба на раководството на МЗ Трпејца со пратеници и функицонери од ВМРО ДПМНЕ од Охрид, која се случи по нивно барање се оградуваме од секаква политичка замешаност и потврдуваме дека работиме само во интерес на сите жители во село Трпејца. Ако е навистина така, како што ни беше презентирано по двете средби  дека Општина Охрид нема средства за рушење  на дивоградбите, дека допрва треба да прави нов тендер, тогаш ги повикуваме државата и општината да најдат правен механизам решението и заклучокот за рушење на дивоградбите на ИВЕРЕ да го  спроведат – веднаш и тоа  преку друга форма – пример во случајов  ингеренциите да ги преземе Државниот градежен инспекторат, односно Министерството за транспорт и врски, велат од МЗ Трпејца.

Оттаму, наведуваат дека писмени одговори во врска со нивните ултимативни барања, немаат добиено од ниту една надлежна и повикана институција на локално и државно ниво.

– Наштето тропање и отворање на врата по врата во локалните и државните институции и обидите да го отплеткаме Гордиевиот јазол не носи до сознанието дека вмешаните во случајот купуваат време и се обидуваат да стигнат до тивка легализација  на нелегалните градби на ИВИРЕ во Трпејца. Се поочигледно е дека се замешани интересите на поединци на кои не им пречи различната политичка боја. Ги спојува личниот интерес и профит  под превезот на евентуалната легализација да приграбат атрактивно земјиште крај езерото, кое е државно и бесценето, велат од месната заедница.

Тие уште еднаш јавно ги повикуваат Државниот јавен правобранител, надлежните инспекции, комисијата за антикорупција , полицијата и судот најитно да ги испитаат сомнежите во случајот ИВЕРЕ и да стават точка на, како што велат, овој правен лавиринт. 

OhridNews