Тие тврдат дека барањето за легализација, од страна на сопствениците на сместувачкиот капацитет, било поднесено месец и половина по донесувањето на решението и заклучокот за нивно рушење.
– Решението и заклучокот за рушење на дивите градби кои се градени на државен имот, Општинскиот градежен инспекторат ги има издадено на 14 и 15 јули 2011година. Дивите градби се доградувани и градени по донесувањето на законот за легализација- март 2011година . И она што е можеби најважно, што самиот узурпатор на просторот го признава и во приватните тужби против нас и Црковниот одбор, е дека барањето за легализација до надлежните служби е поднесено на 19 август 2011 година. Месец и половина откако било донесено решението и заклучокот за рушење на дивите градби. Токму во нив стои дека жалбата не го одлага рушењето. Значи дилеми не треба да има. Во стилот да се чека одлуката за легализација, па натаму да се постапува по законот за градба, рече на денешната прес конференција, Пере Ангелоски од Црковниот одбор на селото.
Трпејчани велат дека ќе побараат уште една средба со градоначалникот Александар Петрески, а доколку не се исполнат нивните барања ќе ги продолжат мирните протести.