Во моментот се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата, информираат од Министерството за здравство во врска со Законот за заштита од пушење.

Овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории, потенцираат од Министерството.

Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваат дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието.

Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок.

Министерството, велат, останува отворено за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.

OhridNews