На 1-ви октомври истекува рокот за пријавување на конкурсот за пројавување интерес на компетентни и високомотивирани кандидати за повеќе раководни позиции, во надлежност на Општина Охрид.

– Конкурсот има само една намена, да се даде можност на него да се пријават сите кои се високо мотивирани, амбициозни, способни, образовани и кадри кои имаат желба да работат, да се докажуваат и да одат напред во нивниот професионален живот и кариера. Јасно и гласно кажав и ќе повторам дека на конкурсот шанса имаат сите, а единствени квалификации се способностите и образованието на лицата кои ќе се пријават. Нема други влијанија и тоа во оваа прилика уште еднаш го повторувам. Значи ги бараме најспособните, без разлика со каква политичка определба се или на која адреса живеат,  изјави градоначалникот на Охрид,  Никола Бакрачески.

Тој напоменува дека при ангажирањето на новите кадри нема да се земаат во предвид било какви ургенции преку партии, пријатели, роднини или други канали, кои би се третирале како негативна препорака и дискфалификација на кандидатот.

Конкурсот се однесува на раководни позиции во администрацијата, јавните претпријатија, образовните установи во општината, градинките.

OhridNews