Охридските фудбалери, в сабота во 16 часот го играат последниот натпревар на домашен терен сезонава. „Рибарите“ завесата на СРЦ „Билјанини Извори“ ќе ја спуштат против составот на Кадино. Натпреварот со екипата која доаѓа од скопската околина е прва меч топка за охриѓани, кои се борат за втората позиција на табелата, која води во баражот за влез во Првата македонска фудбалска лига.

Избраниците на Драган Бочески во последните две рунди имаат се во свои раце и сами одлучуваат за исходот. „Рибарите“ со две победи, сигурно ќе останат на втората позиција и ќе ја зграпчат шансата преку баражот да влезат во елитата. Затоа, дуелот со Кадино во Охрид е прва меч топка на „рибарите“, која не смее да се пропушти.

Кадино во двете сезони во второлигашкото друштво се покажува незгоден ривал на Охрид. Исходот после четири одиграни мечеви е изедначен во бројот на победи (2-2). Секоја од екипите победува на домашен терен. Годинава, Кадино на домашно тло славеше со 1-0 додека Охрид возврати со 2-1.

Правдата на натпреварот в сабота ќе ја дели тетовчанецот Фуркан Идризи. Интересно, Идризи беше на центарот и минатата сезона, кога Охрид дуелот со Кадино го доби со 3-2.

OhridNews