Владата на Република Македонија започна со реализација на проектот за изградба на 30 комерцијални инфраструктурни градби на автопатите, магистралните и регионални патишта. Овој проект е дел од програмата на Владата и предвидува во следниот 4 годишен период да се воспостават нови придружни содржини на патните делници од типот на бензински пумпи, мотели и слично, кои се во функција на зголемување на квалитетот и на транспортот, но и на економскиот развој.

Извршена е теренска анализа со цел утврдување на погодни локации за оваа намена. Во првата фаза се утврдени 9 можни локации за изградба на бензински пумпни станици и придружно услужни објекти долж три од автопатите кои се во градба.

На автопат Кичево – Охрид, се утврдени две погодни локации за изградба на бензински пумпни станици и придружно услужни објекти, една локација во близина на Мешеишта и една во близина на Сливово. Останатите објекти во првата фаза ќе се градат на автопат Демир Капија – Смоквица и  на автопатот Миладиновци – Штип.

Во втората фаза на реализација на овој проект, како што ќе напредува и изградбата на самите автопати, ќе биде извршен дополнителен увид на лице место при што ќе се утврди дали постојат услови за урбанизација на дополнителни локации. За реализација на овие активности, во следниот период ќе бидат изготвени ажурирани геодетски подлоги и ќе се изработи урбанистичко планската документација.По изработката на комплетната документација, во соработка со општините овие локации ќе бидат понудени на продажба по пат на електронско јавно надавање, при што за дел од овие локации оваа постапка најверојатно ќе биде реализирана до крајот на оваа или почетокот на следната година.

OhridNews