Младиот Хариш Тоши дошол во Охрид дури од Индија да се стекне со високо образование на Академијата за филм. Вели дека пресудно за изборот била амбициозната наставна програма на академијата која требаше да работи по принципите на чешката ФАМУ. Но, наместо остварување на амбициите, тој и триесетина негови колеги сега се соочени со прекин на студиите. Професорите на Академијата со месеци не примиле плата, а наставата во новата академска година се уште не започнала.

Ние сега сме во неволја, не по наша вина.  Сега требаше да почнам втора година од студиите, ни беше кажано дека почетокот ќе биде пролонгиран за октомври, па за ноември но се’ уште еве не почнала. Нема инфомации за тоа што ќе биде. Има луѓе кои не можат да добијат диплома, никој ништо не ни кажува и тоа фрустрира. Јас сум од Индија, но тука има студенти од САД, Мексико и други земји, доаѓаме тука секој ден самоиницијативно но нема настава. – вели Тоши.

Поради проблемите на Академијата за филм во Охрид, странските студенти кои во земјава претојуваат со визи, сега се соочуваат со протерување.

Мојата виза истече на 21 октомври и имам законски рок од 30 дена да ја обновам, но не можам да го направам тоа затоа што не можам да добијам потврда од Академијата дека сум студент. Јас ги имав испланирано следните 2 години од мојот живот, а сега не знам што ќе правам. – рече Тоши.

Тоши, кој сега требало да слуша настава во 3 семестар, вели дека студентите не ги интересира политиката и партиските препукувања за тоа кој е виновен за случувањата на Академијата за филм во Охрид. Тие само бареаат одговори од надлежните институции дали и кога ќе можат да го продолжат своето образование. Доколку не ги добијат, ќе поднесат тужба против државата и академијата со цел заштита на нивните права, за што тие ги известија надлежните институции преку отворено писмо.

И додека студентите бараат одговори, од Академијата за филм и МОН засега молчат каква ќе биде судбината на оваа високо образовна установа и студентите.

Г.М.