Откако Еквадор соопшти дека му го укинува азилот поради прекршување на меѓународните конвенции, денес, пред амбасадата на Еквадор во Лондон беше уапсен Џулијан Асанж, најпознатиот свиркач во светот. Претседателот на Еквадор обвини дека неговиот Викиликс откривал негови телефонски разговори, како и приватни фотографии од неговата спална соба, а неофицијално, биле објавени документи во кои тој е вплеткан во корупција.

Британската полиција потврди дека Асанж е уапсен поради тоа што не се појавил  на суд, како и по барање за екстрадиција од страна на САД, каде ако биде испорача може да се соочи со долгогодишна казна затвор. Ваквиот расплет го насети и неговиот Викиликс уште вчера, кога соопштија дека тој ќе биде уапсен и дека бил предмет на шпионажа во амбасадата.

Одлуката за екстрадиција во САД се очекува да биде донесена во наредните три недели. Асанж стана еден од најбараните луѓе на светот кога во 2010-тата неговиот Викиликс буквално го соголи Вашингтон, со објавувањето на неколку стотици илјади доверливи документи на американската дипломатија. Светот беше вџашен кога тој објави видео снимка, на која наводно американски хеликоптер убива десетина цивили во Ирак.

По две години се засолни во еквадорската амбасада, за да избегне екстрадиција во Шведска која го бараше за наводен сексуален напад, обвинение кое во меѓувреме  беше отфрлено.

На денешното апсење, не остана рамнодушен ниту американскиот дојавувач Сноуден, кој е во азил во Русија, кој приведувањето го нарече мрачен момент за слободата на медиумите.