На 93-годишна возраст во Охрид на 10.09.2013 почина Вангел Деребан, еден од најпознатите македонски кујунџии. Деребан е роден во 1920 година во Струга од каде ја продолжува неколку вековната семејна кујунџиска традиција и го развива охридското филигранство.

Во филигранот на Дерабан се вградени национални белези и во него пулсираат исконските дамари на македонската стара цивилизација. Тој беше синоним за македонскиот филигран и во неговиот дуќан дишеа охридското и македонското кујунџиство од турско време.

За Вангел Деребан се презентирани информации и репортажи од многу домашни и странски новинари и публицисти. Тој е многу често застапуван во проспектите и други публикации за промоција на Охрид и Македонија. Добитник е и на престижната Св. Климентова награда во Охрид.

На местото каде некогаш се наоѓаше работилницата на мајсторот Вангел Деребан, во август минатата година, во срцето на охридската чаршија, беше отворен музеј посветен на филигранот, со поставка на филигрански алат, место каде се презентира културното богатство сочувано од семејството Деребан.

OhridNews