На денешен ден пред точно 13 години, во Охрид е одигран еден од најзначајните натпревари во историјата на македонската женска клубска кошарка. Во спортската сала „Билјанини извори“, во рамки на европскиот куп „Лилијана Ронкети“,охридскиот прволигаш „Профитнес“ ја пречека екипата на Црвена Звезда од Белград. Трибините беа исполнете, а „Рибарите“ направија навивачки амбиент, ретко виден на овие простори.
-Сите патишта вечерва водат во „Билјанини извори“ каде охридски „Профитнес“ игра меч за историја…..беа уводните зборови на спортскиот коментатор Горан Момироски, кој го водеше преносот од кошаркарскиот спектакл на локалната Тв М.

-Тоа беше натпревар кој се уште буди силни емоции, бидејќи беше прв официјален на охридски клуб на меѓународна спортска сцена. На гости на „Профитнес“ дојде белградска Црвена Звезда, клуб со исклучително успешна и долга историја и апсолутен фаворит за пласман во наредното коло. Но, охриѓанки пред своите верни навивачи покажаа ретко видена борба, благодарение на што успеаа да останат непоразени. Натпреварот заврши 62:62, а малку фалеше во драматичниот финиш домашните да забележат победа, што ќе беше вистинска спортска сензација, се сеќава Момироски, денес главен и одговорен уредник на OhridNews.

Тоа беа години за паметење, вели долгогодишниот капитен и неприкосновен борец на паркетот, Викторија Рибароска.
-Натпреварот со Црвена Звезда не беше случајност туку само врв на работата на еден клуб на чело со претседателот Зоран Стевоски, тренерот па се до играчите, кои го направија големиот успех. Можеби не бевме свесни каков успех сме постигнале, бидејќи од моментот на извлекување на противниот за нас се како да беше сон, раскажува Рибароска.
Вели дека едноставно не можела да ги контролира своите чувства од возбуда, но дека сите во клубот од управата до играчите пристапиле исклучително посветено и професионално на натпреварот, кој уште долго ќе се раскажува.
-Кога излеговме од соблекувална на загревање пред натпревар тоа беше нешто нестварно. Ние бевме навикнати на публика затоа што секогаш и на првенствените натпревари игравме пред полни трибини, ама атмосферата со Ц.Звезда беше нешто друго. Да се игра пред преполна сала и да се бранат боите на градот неможе да се раскаже со зборови, истакна Рибароска, додавајќи дека остварениот успех на тој натпревар има голема тежина и е резултат на одличната хармонија што владеела во клубот, во кој, како што вели, парите беа на второ, трето или друго подалечно место, а желбата за успех на врвен приоритет.

Марија Видикова, денес Николиќ, во завршните моменти од мечот од слободни фрлања успеа да го израмни резултатот на 62:62, но реализира само еден од двата обиди со што Звезда се спаси од пораз.
-Ден денес во главата ми се врежани двете слободни фрлања кои беа одлучувачки за победа. Но, сега кога размислувам за тоа некако и ми е драго што сепак сум била дел од историскиот натпревар кој можеби ја одбележа кошарката во Охрид, како и во Македонија, затоа што баш таков натпревар од европски карактер ретко се случува па и до ден денес воопшто во Македонија, а посебно во Охрид, вели Видикова Николиќ.
Според неа публика како охридската ретко може да се види на спортски натпревари, посебно кошаркарски, а тоа, додава таа, треба едноставно да се доживее.
-Да играш пред толку народ за кој верувам дека не пратеше со искрени емоции во најголем број колку што можеше да собере во прекрасната спортска сала „Билјанини извори“, како и надвор од неа, навистина се што ќе кажам друго би било можеби отповеќе за да искажам што се ме врзува за тогашниот период во Охрид, рече Видикова Николиќ.

Таа изрази задоволство што охридската женска кошарка повторно заживува и се работи со млади таленти. Се надева дека еден ден повторно ќе се наполни салата „Билјанини извори“ и ќе се бара карта повеќе на влез за нов спортски спектакл, што е сон на секој професионален спортист.
До тогаш Охрид и охриѓани со гордост ќе се сеќаваат на убавите спортски моменти што на 15.09.1999 година му ги приредија кошаркарките на „Профитнес“.










