По повод националниот празник 11-ти Октомври,  локалната самоуправа  со приогодни свечености ги пушти во употреба неодамна изградениот кружент тек на крстосницата помеѓу булеварот „Туристичка“ и улицата „ АСНОМ“, детското игралиште во населбата „Гоце Делчев“  како и детското игралиште и реконструираниот парк кај кружниот тек  во близина на Општата болница.


Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, изрази задоволство од брзата и квалитетна изградба на овие објекти, што, како што рече,  е заслуга не само на локалната власт, туку и на самите граѓани.

– Ова не е успех на советниците, ниту на градоначалникот, туку на сите нас заедно кои работиме и работевме на реализацијата на проектите – рече Петрески.


Тој исто така потенцира дека со вложувањето во инфраструктурата се вложува во иднината, а граѓаните добиваат значајни објекти.

– Нашите граѓани добиваат објекти кои ќе им го подобрат секојдневието кое во изминативе години го градевме заедно – кажа Петрески.


Градоначалникот изрази благодарност и до борците и истакна дека празникот треба да се одбележува преку градење на нови капитални објекти.

– Борците ни ја донесоа слободата, а ние мораме да го продолжиме нивното дело. Тие се оние кои прв пат во историјата на македонскиот народ ни направија држава – изјави Петрески.

 За 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид, како што најавија од локалната самоуправа, ќе бидат промовирани уште неколку нови проекти.

О.Т.