Лекарскиот колегиум на Универзитетска клиника за дигестивна хирургија-Скопје одлучи во наредните три дена да не изведува операции и да врши прегледи, а ќе бидат примени само итните случаи.
„Како израз на револт и разочараност Лекарскиот колегиум на Универзитетска клиника за дигестивна хирургија-Скопје денеска едногласно одлучи дека во наредните три дена нема да се оперираат елективни случаи и да се вршат елективни амбулантски прегледи.
Итните случаи соодветно ќе бидат згрижувани“, се вели во соопштението од Лекарскиот колегиум на оваа клиника.
Лекарите се револтирани од говорот на омраза во јавноста и известувањето на медиумите за инцидентот што се случи во понеделникот на оваа Клиника, кога скопјанец пукаше кон лекарот кој ја оперирал неговата мајка која по операцијата починала.
„Лекарскиот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија-Скопје најостро го осудува говорот на омраза во јавноста искажан преку социјалните мрежи , портали односно пишаните и електронските медиуми. Она што особено нè загрижува е отсуството на реакција на повиканите институции истото да го спречат, осудат и санкционираат. Разбирајќи го незадоволството на граѓаните поради длабоко нарушената доверба: лекар-пациент, сепак е неразбирлив од наша страна повикот за линч на сите лекари. Згрозени сме од настанот кој се случи на 09.11.2015 година односно обидот за убиство на нашиот колега на неговото работно место и реакциите на јавноста. Читаме сè посилни повици за линч на лекарите и ширење на лажни информации за кои цврсто веруваме дека се невистинити. Се деградираат професионалци кои со љубов и пожртвуваност ја работат својата хумана професија и отсуството на поддршка во вакви тешки моменти особено нè повредува. Таквите реакции само го продлабочуваат јазот и никому нема да донесат добро, ниту, пак, водат кон некакво решение“, се вели во соопштението.
OhridNews
Извор:„Макфакс“