Големи количини најразличен отпад лежат на дното на Охридското Езеро, посочуваат од Нуркачкиот центар „Амфора“, кој во соработка со Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при општина Охрид, започна со реализација на проект „Чистење на Охридското Езеро од цврст отпад“, кој симболично стартуваше денеска, на денот на есенската рамноденица и почетокот на есента.

-Со овој проект треба да имаме увид за состојбата на цврстиот отпад во Охридското Езеро. За таа цел нуркачите ќе направат подводни снимки и фотографии на локациите каде што има таков отпад, по што ќе биде ирзботена карта со зони на загаденост, истакна Јасминка Т. Момироска, од Одделението за заштита на животна средина при локалната самоуправа.


Покрај овие активности, предвидено е да се одржи и трибина со локалното население за подигање на јавната свест, ќе бидат изработени флаери, а резултатите јавно ќе се објават. Проекток, како што беше посочено опфаќа подолг мониторинг на состојбата со загадување на Охридското Езеро и контрола на жешките еколошки точки.


Милутин Секулоски од Н.Ц.„Амфора“ истакна дека постојат зони со цврст отпад од најразлична природа.

– Загрижува што на дното на Езерото наоѓаме големи количини цврст отпад, а таков отпад се забележува и на места каде досега немало загадување. Кон крајот на август во еден од најчистите делови на езерото кај Градиште каде се мрести пастрмката евидентиравме десетина вреќи со градежен отпад, што посебно треба да не загрижи, изјави Секулоски.

Искусниот меѓународен нуркачки инструктор смета дека повеќе не смее да се игнорира проблемот со загадувањето на Охридското Езеро. Според него потребна е конкретна акција од локалната и централната власт и казнување на загадувачите кои остануваат глуви на сите апели за заштита на природниот бисер.

Г.М.