Со специјален лет на скопскиот аеродром во понеделник ќе слета Емирот на Катар Шеик Хамад бин Калифа Ал Тани, кој на покана на претседателот Ѓорѓе Иванов ќе престојува во дводневна официјална посета на Македонија.

Заедно со емирот доаѓа сточлената катарска делегација.

Емирот на Катар кој од Македонија ја почнува европската турнеја покрај со претседателот ќе се сретне и со премиерот и спикерот на Собранието. Во негова чест во хотелот „Александар Палас“ ќе биде приредена свечена вечера на која нема да се служи алкохол.

Од Кабинетот на македонскиот претседател информираат дека на средбата на македонскиот претседател со Емирот на Катар ќе бидат разгледани билатералните односи меѓу двете држави и ќе бидат разменети мислења за ситуациите во регионот, на Блискиот Исток и Северна Африка, како и на Балканот.

Во рамки на посетата на Емирот на Катар ќе бидат потпишани десет договори и меморандуми  за економска соработка, а ќе се разговара и за можностите за директни катарски инвестиции во македонското стопанство и туризмот.

Претстојната е прва официјална посета на Македонија на монарх од Арапскиот свет.

OhridNews