На градскиот плоштад во Охрид, вчера беа презентирани стекнатите знаења и вештини за укажување прва помош во најразлични симулирани ситуации на несреќи, во рамките на обуката за укажување прва помош, што Црвен крст Охрид во соработка со инструктори  од фондацијата Операција „Флориан“ од Манчестер, Англија, ја спроведува веќе осум дена.

Со обуката беа опфатени припадниците граничната-езерската полиција, припадниците на Територијалната противпожарна единица од Охрид, како и членови на Единиците за безбедност на вода и планина при Црвениот крст Охрид.

Како финиш на сето тоа се овие јавни презентации кои секоја година ги одржуваме тука на градскиот плоштад. Дел се укажување на прва помош во најразлични ситуации на различни возрасни групи, почнувајќи од најмладите преку фантом кукли. Секој присутен имаше можност да дојде, да покаже или да ги дознае основните вештини.“ – истакна Сашо Точков, претседател на Црвениот крст Охрид.

На плато пред градското пристаниште се одвиваше симулација на сообраќајна незгода со извлекување на повредени и укажување на прва помош.

Тука се случува една поголема вежба заедно со Територијалната противпожарна единица Охрид и општинскиот Црвени крст. Имаме незгода на возило кое ќе се запали, ќе дојде противпожарната бригада, ќе го изгаси пожарот и со посебни техники ќе извлече повредените лица од возилото.“  – истакна Точков.

Роуз Вокингс од Операцијата „Флориан“, рече дека преку презентираните вежби ќе бидат промовирани активностите на Црвениот крст од Охрид.

Ние повторно сме тука, а веќе една недела работиме на повеќе вежби. Операцијата „Флориан“ е присутна не само во Македонија, туку насекаде. Соработката со Црвениот крст е одлична, а денес ги презентираме стекнатите вештини за укажување прва помош преку различни симулирани ситуации.“ – рече Вокингс.

Во рамките на настанот, присутните имаа можност да ги видат техниките на тимот за реално прикажување повреди.

Се шминкаат изгореници, посекотони, алергиски реакции и друго. Шминките самостојно ги изработуваме, а се користи боја и тапетол-ткиво кое го правиме од разни супстанци. Во секој случај, задоволна сум од креативноста на овие млади кои се дел од тимот.“ –  вели Елена Додевска, волонтер во Црвениот крст – Охрид.

О.Т.