На градскиот плоштад во Охрид, вчера, беа презентирани стекнатите знаења и вештини за укажување прва помош во најразлични симулирани ситуации на несреќи, во рамките на обуката за укажување прва помош, што Црвен крст Охрид во соработка со инструктори од фондацијата Операција „Флориан“, од Манчестер, Англија, ја спроведува веќе една недела.
Со обуката беа опфатени припадниците на Граничната полиција во Охрид, Струга и Дебар, припадниците на Територијалната противпожарна бригада од Охрид и Струга, членови на екипажите на бродовите, вработените во локалната самоуправа, ученици од средното медицинско училиште, како и членови на Единиците за спасување на црвен крст Охрид.
„Како и секоја година, планиравме да направиме една презентација на стекнатите знање, на она што сите го научија, а сите посетители кои се заинтересирани ќе имаат можност да видат како се врши спасување, како се прават сите оние интервенции при ситуации кои можат да му се случат секому.“ – вели Сашо Точко, претседател на ОО Црвен крст.
Тој истакна дека соработката со Операција „Флориан“ трае веќе петта година, период во кој се разменети искуства, обуки и курсеви кои инструкторите од Манчестер ги презентираат по меѓунардони стандарди.
„Секако дека нашите луѓе имаа што да научат, а голем број членови од единици на разни институтции во Охрид имаа можност да се стекнат со најновите техники и вештини за укажуваме прва помош. Соработката со Флориан продолжува преку Црвениот крст, а таа се продлабочува со локалните самоуправи од Охрид и Струга, со цел да се подигне нивото на човечки ресурси и материјално техничките капацитети.“ – додава Точко.
Роуз Вокингс од Операцијата „Флориан“, потенцира дека преку презентираните вежби ќе бидат промовирани активностите на Црвениот крст од Охрид.
„8 години Операцијата „Флориан“ е присутна низ цела Македонија, а на овој проект работиме веќе 5-та година. Соработката е навистина добра, а денеска ќе бидат презентирани стекнатите знаења и вештини за укажување прва помош во најразлични симулирани ситуации.“ – вели Вокингс.
Во склоп на настанот, заинтересираните граѓани имаа можност да го видат тимот за реално прикажување повреди.
„Нашиот тим составен од осум волонтери на Црвениот крст од Охрид. Се шминкаат изгореници, посекотони, длабоки посекотини, алергиски реакции и друго. Шминките самостојно ги изработуваме, а се користи боја и тапетол-ткиво кое го правиме од разни супстанци. Задоволна сум од креативноста на тимот, а во иднина ќе продолжат обуките за шминкери.“ – вели Елена Додевска, волонтер во Црвениот крст – Охрид.
Во рамките на настанот, посетителите имаа можност да се запознаат со правилата на укажување прва помош во различни ситауции.
О.Т.