Поради постоење на основи на сомнение за сторено казнено дело „Тешка телесна повреда“ СВР Охрид поднесе кривична пријава против 35- годишен охриѓанец и две лица од Тетово.

Пријавените, синоќа околу 21 часот и 50 минути пред кафетерија на градскиот плоштад започнале вербална расправија со 24- годишно лице од Струга, по што и физички го нападнале. Тие му задале повеќе удари со раце и нозе по целото тело и го собориле на плочникот. Тука продолжиле да го удираат по главата од што стружанецот се здобил со тешки телесни повреди, односно со скршеници на вилицата.

По дадената неопходна медицинска нега на хируршкото оделение во општата болница во Струга, а поради сериозноста на повредите повредениот е пренесен во ургентниот центар во Скопје.

Пријавените веднаш се приведени во СВР Охрид и лишени од слобода, а во текот на денов ќе бидат изнесени пред истражен судија при основниот суд во Охрид.

OhridNews