Иницијативата е на Јавното претпријатие градски гробишта, од чија страна веќе е изработен идеен проект кој чека на одобрување од санитарната инспекција и СВР- Охрид.
– Во рамки на градските гробишта има поставено десет надгробни плочи посветени на борци од Охрид и охридско кои учествувале во Народно- ослободителната борба. При секое одбележување на Денот на борците, во знак на почит се положуваа цвеќиња на секој од нив. Наша замисла е сега да се подигне еден споменик, на самиот почеток од гробиштата кај црквата, вели директорот на јавното претпријатие, Драган Пандески.
Иницијативата во писмена форма била доставена и до Сојузот на борци од општините Охрид и Дебрца, од каде идејата со воодушевување била прифатена.
Споменикот ќе биде со висина од 1,3 метри, составен од една надгробна плоча на која ќе бидат испишани имињата на сите загинати борци од НОБ.