На вечерна, вонредна седница, Градскиот совет едногласно и експресно за само пет минути ја изгласа одлуката за задолжување на општина Охрид со долгорочен кредит.
Советот еднаш минатата година веќе донесе ваква одлука, но согласно критериумите и барањето на  Министерството за финансии, кое дава согласност за кредитно задолжување на општините, истата повторно е изгласана. Со тоа според предлагачот, градоначалникот Александар Петрески, се создадени сите услови општината да добие кредит од комерцијалните банки кој ќе биде наменски искористен за сервисирање на стари наследени долгови на локалната самоуправа.

-Очекувам дека со оваа одлука Охрид ќе доживее брз развој затоа што средствата кои досега ги дававме за сервисирање на долговите со високи камати сега ќе ги инвестираме во изградба на пазар, автобуска станица и многу други објекти кои сме ги ветиле. Со реализација на овој кредит повеќе не важи оправдувањето што го давав до сега дека не можеме да ги реализираме ветените проекти затоа што сме блокирани од другата страна, изјави градоначалникот Петрески.

Одлуката веднаш ќе биде доставена до министерот за финансии кој се очекува деновиве да ја потпише согласноста за кредитно задолжување на општина Охрид. Доколку добие одобрение, општината ќе се задолжи со кредит во висина од 360 милиони денари кај некоја од комерцијалните банки, што е двојно помалку од утврдениот законски максимум. Според Петрески тоа е доволно за надминување на неповолната финансиска состојба, која се должи на наталожените долгови од минатото.

Зад одлуката за кредитно задолжување на општината застана и советничката група на ВМРО ДПМНЕ, според која истата е во интерес на граѓаните на Охрид.

-Даваме поддршка за кредитно задолжување со цел Охрид да се ослободи од долговите кои ги има, што е еден од условите за влез во наредната фаза од процесот на децентрализација, истакна Дејан Пановски, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

На предлог токму на оваа советничка група на продолжението на 31 седница (утре) ќе се разгледа иницијативата за ослободување на државата од плаќање на комуналии за изградба на проектот „Плаошник 2014“.  Предлагачот на оваа иницијатива и локалната самоуправа не ја поврзуваат донесената одлука за кредитно задолжување со предлогот за ослободување на државата од комуналии за изградбата на комплексот на Плаошник, иако деновиве од надлежните институции можеа јавно да се чујат токму такви ставови.

Г.М.