Мобилните тимови на Царинската управа, вчера, спречиле уште еден обид за криумчарење на свежа охридска пастрмка од Албанија во Македонија, преку граничниот премин Ќафасан.
 
Пастрмката била пронајдена при контрола на камион, управуван од албански државјанин и со албански регистарски ознаки, по неговото пријавување за влез во Македонија. При контрола на возилото, во торба на горниот кревет во кабината биле пронајдени 43 килограми свежа охридска пастрмка, а во сандакот за алат од надворешната страна од камионот биле пронајдени уште 12 килограми, или вкупно 55 килограми.
 
По откривањето на случајот, известена е граничната ветеринарна инспекција за вршење на соодветен ветеринарен преглед, по што било констатирано дека стоката не е безбедна за употреба и согласно законските прописи, донесено е Решение за нејзино безбедно уништување. Против возачот ќе биде поднесена прекршочна пријава.

Во само два дена ова е втор откриен обид за нелегално внесување на охридска пастрмка во Македонија преку граничниот премин Ќафасан.  

OhridNews