На пригодна свеченост што се одржа на градскиот кеј, вечерва беа претставени учесниците на 38 Охридски пливачки маратон, што ќе се одржи во сабота, 30 август.
Годинава 25 километри долгата патека „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид ќе ја пливаат 16 маратонци и маратонки од шест земји.
Во женска конкуренција ќе настапат 6 пливачки:
Елена Лионело – Италија
Росана Гошева – Македонија
Алисја Гедриш – Полска
Милица Љубисављевиќ – Србија
Ерика Абигал Јенсен – Аргентина
Мајте Ајлен Пука – Аргентина
Во машка конкуренција ќе настапат 10 пливачи:
Александар Илиевски – Македонија
Леонид Мишевски – Македонија
Акуилес Балаудо – Аргентина
Матео Фурлан – Италија
Хуго Риберио – Португалија
Матиас Дијас Хернандес – Аргентина
Федерико Тамборино – Италија
Марко Инглима – Италија
Петар Цеков – Македонија
Лазар Поп Трајков – Македонија
Маратонците ги поздрави претседателот на Советот на град Охрид Перчо Божиноски, кој воедно ги врачи наградите и признанијата што организаторот традиционално ги доделува на личности заслужни за промоцијата на Охридскиот пливачки маратон и пливањето.
Оваа година Општина Охрид му ја додели наградата „Климе Савин“ на Павел Групчев – еден од основоположниците на Охридскиот пливачки маратон. Наградата во негово име ја прими Виолета Групчева.
Признание за афирмација и промоција на Охридскиот пливачки маратон му беше доделено на познатиот македонски маратонец Томи Стефановски. Тој по повод одбележувањето на 16 години од препливувањето на каналот Ла Манш преплива 16 км од Охридското Езеро, а подвигот го посвети во хуманитарни цели, односно за инклузија и подигнување на свеста и креирање услови на лицата со атипичен развој и индивидуализираните лица во спортот и физичкото образование.
Охридскиот пливачки маратон годинава одбележува седум децении од славните почетоци. Најважните моменти од историјата на оваа значајна спортска манифестација се преточени во документарниот филм „Време, вода, наследство: Охрид“ на режисерот Илија Пиперкоски, кој премиерно беше прикажан вечерва во предворјето на црквата Св. Софија.
Охридскиот пливачки маратон и оваа година е дел од Фестивалот на спортови на водс (Ohrid Water Festival).
Г.М.
Фото: Петар Паунче