На Клиниката за неврохирургија во Скопје во текот на минатата недела првпат се изведе операција на мозок со помош на системот за стереотаксија (framed stereotactic brain biopsy). Работниот тим што ја изведе оваа значајна интервенција се состои од д-р Роберт Шумковски, д-р Ивица Коцевски, д-р Љуљзим Агаи (неврохирурзи) и д-р Радмила Панговска (анестезиолог).

Ова е минимално инвазивна постапка која се изведува со помош на една рамка што се поставува врз главата на пациентот. Потоа, со помош на посебни тридимензионални пресметувања се планира точната локација на интервенцијата во внатрешноста на главата и се зема материјал за анализа, велат во соопштението од Клиниката.

Посочуваат дека за да дојдат до овој резултат, претходно имале подготовки со тим на експерти од Бразил – проф. Маноел Јакобсен Теишеира од Универзитетот Сао Паоло, како и инженер Антонио Мартос Калво.

Оваа постапка нуди во иднина исклучителни можности за развој на функционалната неврохирургија и лекувањето на разните невродегенеративни заболувања, поради кои нашите пациенти се упатуваат на скапи лекувања во странство, потенцираат од Клиниката.

OhridNews