Министерството за култура деновиве по итна постапка ќе распише конкурс за избор на директор на националната установа фестивал Охридско лето. Во меѓувреме по сите случувања и оставката на Васко Василески од раководната функција, привремено за в.д. директор е назначена Анита Алоска, вработена во установата. Таа по сила на закон ќе треба да ја достави завршната сметка на установата, која треба да ја разгледа управниот одбор, кој вчера се состана во Скопје за да ја разгледа новонастанатата ситуација.

Покрај тоа што нема директор, фестивалот е и без селектори. Нејасно е дали ќе се избираат нови или програмата за 52-то издание на Охридско лето ќе се потпира на стари сили. Во било која варијанта, времето за подготовка е исклучително кратко.

Дополнителен проблем за фестивалот се и наталожените долгови и финансиски обврски, за кои засега никој официјално не соопштува колку изнесуваат. А дека има проблеми несомнено потврдуваат и полициските контроли во фестивалот.

Последните случувања претставуваат кулминација на наталожените проблеми во Охридско лето, кои со години наместо да се решаваат се игнорираат од надлежните институции, што несомнено придонесе за ваквите состојби кои негативно влијаат на реномето на најзначајната културна манифестација во земјава.

OhridNews