Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, одржа координација со парламентарните политички партии, на која присуствуваа претставници на СДСМ и коалицијата, ДУИ, БЕСА, Алијанса за Албанците и ДПА, а претставник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не беше присутен.
Џафери бил запознаен со заклучоците од неформалната средба на претставниците на политичките партии која се одржа на 13 мај, при што партиите се договориле дека од исклучителен приоритет за Република Македонија е постигнувањето договор за донесување предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик со кој одржувањето на локалните избори ќе биде предвидено за првата половина во октомври, а мандатот на сегашните градоначалници и советници ќе биде продолжен до изборот на новите членови на советите и градоначалниците. Исто така, Џафери бил известен и дека партиите се согласуваат расправата по предлог-законот да биде ефикасна и да се исклучи секаква можност за нејзино непотребно одолжување.
Џафери ги повика политичките партии кои се застапени во Собранието, согласно член 33 од Деловникот на Собранието на РМ да го известат за формирање на пратеничките групи. Потенцирал дека очекува во краток рок партиите да постигнат договор за формирање на работните тела, со цел измените на Изборниот законик да бидат донесени согласно деловничките процедури.
OhridNews
извор: „Макфакс“