Во експлозија на природен гас во провинцијата Хубеи, во централна Кина, утринава загинаа 11 лица, а 37 се посериозно повредени, јавија државните медиуми, пренесе ДПА.

Експлозијата се случила на пазарот со зеленчук во градот Шијан, утринава, околу 6:30 часот по локално време (синоќа во 22:30 часот по Гринич), наведува владиниот радиодифузер ЦЦТВ.

Големиот трговски комплекс, што веќе бил исполнет со купувачи и локални жители кои појадувале, се урнал непосредно по силната експлозија, соопшти весникот „Епл Дејли“ од Хонг Конг, цитирајќи очевидец на настанот.

Слики што веќе циркулираат на Интернет покажуваат купишта урнатини полни со жртви и остатоци од конструкцијата од тули и бетон.

Претставници на покраинската Комунистичка партија наведуваат дека е во тек акција за спасување на преживеани и дека досега 144 лица се спасени од под урнатините.

Веднаш е отворена и истрага за причините за експлозијата, пренесува ДПА.

OhridNews