Ледениот бран, кој го погоди американскиот Среден Запад и донесе рекордно ниски температури, досега одзеде 12 животи, а денеска се прошири и на североисточниот дел од САД.

Метеоролозите предвидуваат потопло време во текот на викендот, но тоа е мала утеха за оние кои се соочуваат со поларни студови, брутални ветрови и температури кои во некои области паднаа на 34 степени под нулата.

Метеорологот на Националната метеоролошка служба, Ендрју Орисон, за агенцијата „Ројтерс“ изјави дека во утринските часови температурите измерени на Средниот Запад се меѓу најниските.

Во делови од Илиноис во четвртокот биле измерени 36 степени Целзиусови под нулата, во делови од Северна Дакота минус 30, а во Минесота и делови од Мичиген 29 степени под нулата.

Училиштата во делови од Висконсин, Минесота, Мичиген, Илиноис и Ајова сè уште се затворени.

Студениот бран ги погоди и Масачусетс, Њујорк, Пенсилванија и главниот град Вашингтон.