Дел од глечер од Хималаите се откачил и погодил брана во Индија, предизвикувајќи поплави, по што локалните власти стравуваат дека во хаваријата има околу 150 загинати.

Локалното население од северот на земјата веднаш е евакуирано.

Точниот број на мртви се уште не е потврден, но се плашиме дека има меѓу 100 и 150 мртви, соопшти локалната полиција, пренесоа британските медиуми.

Очевидец изјави дека видел ѕид од прашина, камења и вода, кога лавината низ долината се спуштила во реката.

Се се случи многу брзо, немаше време некој да биде информиран. И мислев дека масата ќе ме однесе и мене, изјави Санџај Синг Рана, кој живее во селото Рајни.

Жителите на селото стравуваат дека се убиени и луѓето кои работеле на изградбата на блиската хидроцентрала, како и луѓето од блиското село кои добитокот го воделе кон реката.

Немаме идеја колку луѓе навистина исчезнаа, додаде Рана.