Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и екс началникот на Петтата управа во МВР, Горан Грујовски останаа без пасоши, но нема да добијат притвор како што бараше Специјалното јавно обвинителство, јавува „Телма“. Двајцата поранешни функционери се обвинети од СЈО во случаите „Тврдина“ и „Таргет“. Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, ги одби барањата на СЈО и им наложи на двајцата обвинети еднаш неделно да се јавуваат во судот и им ги одзеде пасошите.
Одлуката за обвинетите во случајот „Титаник“, меѓу кои е и експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кривичниот совет ќе ја соопшти утре. За нив, СЈО исто така бараше одредување мерка притвор.
Претходно Кривичниот совет ги одби барањата за притвор за Елизабета Канческа-Милевска, за Владимир Пешевски кој е осомничен за автопатиштата и за Тони Трајковски, градоначалникот на Гази Баба. Ним им е одземен пасошот и треба да се јавуваат на суд. За Груевски, Мијалков, Јанкулоска и Јанакиески Судот ќе се изјасни дополнително, по донесување на одлуките, нивна писмена изработка и достава до странките во постапката.
Специјалното јавно обвинителство подготвува приговори на решенијата на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 за неопределување мерка притвор за обвинетите.
OhridNews