Фото клубот од Охрид ја отвори 23-та традиционална изложба по повод патронот на градот „Св. Климент Охридски“ на која се изразени 50 заробени моменти, запрени движења, погледи и емоции. Повеќе од две децении, Фото клубот ги чува спомените на градот.

Работата на клубот, почетоците, проблемите со кои се соочуваат и љубовта кон фотографијата е овој пат тема „На муабет“. За „повластената уметност“ меѓу уметностите разговаравме со Димче Коруновски, претседател на Фото клубот од Охрид.

Фото клубот е формиран 1999 година и уште од истата година започнува оваа традиционалната изложба. 23 години ние го менуваме местото на престој. Меѓутоа тоа е парцијално решение, не можеме ниту материјали да чуваме и би ни бил сериозно неопходен простор каде ќе може да работиме со повеќе ентузијазам. Tоа е основна пречка што не можеме да привлечеме поголем број на млади лица, вели Коруноски.

Фото клубот е често член на светските жири комисии. Оваа година беше дел од организацијата на Денови на фотографија,  а неретко се организатори и на меѓународни изложби. Моментално во клубот членуваат околу 24 активни членови, а свои фотографски записи досега оставиле околу 50-тина членови.

За Коруноски фотографијата е огромна љубов, една магија. Тој со посебна емоција се присети на стариот начин на обработување на фотографиите.

Магијата ја создава фотографот, тој ја има фотографијата во својата глава. Многу фотографии чекаат во нашата глава, меѓутоа треба да се најде вистинскиот момент, истакна Коруноски. 

Фотографиите  раскажуваат приказни, а изборот е на фотографот кој дел од просторот ќе го стави во фотографијата и кој дел од приказната ќе одлучи да го прикаже преку неговото фотографско око.

 

Кристина Алексиеска