УНЕСКО по декемвриската инспекција на специјалната комисија на Охрид, изготви два обемни извештаи на над 200 страници за состојбата со заштитата на природното и културното наследство во овој регион. Во нив се предупредува на можното влијание врз околината на одредени активности, како што е проектот за возобновување на Св. Климентовиот универзитет на Плаошник. Исто така се препорачува крајна внимателност при евентуална реализација на плановите за изградба на туристички комплекс во Љубаништа, аеродромот на вода и автопатот кој е предвидено да минува низ националниот парк Галичица. Се даваат препораки за рационално искористување на просторот во функција на одржлив развој кој треба да се темели на заштита на вредното природно и културно наследство.

Од проектите наведени во извештајот, во поодмината фаза на реализација е комплексот на Плаошник, кој како што се посочува во експертската анализа може сериозно да влијае на просторот, поради што се препорачува негово намалување и по обем и по број на објекти, а за дел од предвидените градби се препорачува дислокација, бидејќи, не се вклопуваат во амбиентот. 

Од Министерството за култура и Заводот и Музеј Охрид, деновиве, информираа дека проектот е ревидиран во соработка со УНЕСКО и дека наместо предвидените 12 на Плаошник ќе се градат 6 објекти кои ќе бидат помали за еден кат од првично предвиденото.

– Препораките се прифатени, УНЕСКО е задоволен од она што го сработивме, ги видоа нашите нови проекти, нема никаква дилема дека тие се добри, а воопшто и кога дојдоа и првиот пат не стануваше збор дека ќе бидеме избришани од УНЕСКО. Архитектурата е усогласена на сите објекти и ќе биде мешавина на црковна и староградска – манастирска ахитектура. Целиот комплекс ќе биде еден амбиент, ги исфрливме тие стаклени површини кои претходно ги имавме предвидено затоа што навистина штрчеа и отскокнуваа од останатите објекти така да сега со новите измени добивме еден амбиент кој кога ќе биде завршен ќе биде за почитување.-рече Тања Паскали Бунташеска – директор на Завод и Музеј Охрид.

Изградбата на Плаошник предизвика бурни реакции во дел од стручната јавност, но и меѓу охриѓани. Реагираа и политичките партии. Тие очекуваат надлежните институции доследно да ги спроведат препораките на УНЕСКО, за да не се загрози природното и културно наследство на Охрид.

-Навистина е жалосно што чекавме до сега и што надлежните институции не се одважија да ја увидат грешката која беше направена, но се надевам дека не е доцна и дека ќе биде направено се во рамките на она што УНЕСКО официјално го објави како препораки и насоки кои треба да бидат следени за да не биде доведено во прашање природното и културно-историското наследство.-изјави Томислав Тунтев, претседател на ОО СДСМ.

Тунтев смета дека големите градби на Плаошник сериозно може да го загрозат вредното културно наследство на овој простор кон кој посебен култ негуваат охриѓани.

– Ние не велиме дека тие градби се лоши или ненаменски, напротив, можеби се корисни за Охрид, но не им е таму местото, не на онакви армирано бетонски зданија кои навистина вршат атак на еден простор кој е во душата на сите охриѓани и на минатите генерации и на оваа генерација која никако нема право да го упропасти овој простор, односно да го загрози природното, културното и историското наследство што ни е оставено како завет да го чуваме за идните генерации.-истакна Тунтев.

Амбициозниот проект за возобновување на Св. Климентовиот универзитет на Плаошник, според првичниот план предвидуваше изградба на 23 објекти. Подоцна нивниот број беше намален на 12, за по објавувањето на извештајот на УНЕСКО, годинава, тој да биде сведен на 6. Од предвидените сега ќе се градат само резиденцијалниот објект на МПЦ, конак, Богословскиот факултет, библиотека и музејскиот комплекс со галерија на икони и центар за хуманистички науки. Според најавите тие треба да бидат готови до 2017 година.

Г. Момироски