Денес го изнесуваме мислењето на вклучените лица во образовниот процес за тоа „Што му е потребно на Охрид“.

Потребено е да почне со работа Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, да се  зголеми  фондот за финансирање на истражувачката дејност. Укинување на сите дисперзирани студии и интегрирање на помалите универзитети во поголеми за квалитет во образованието. Неопходни се обуки на наставниците за користење на современи техники за реализација на наставните планови и програми кои се засновани на дигитализација на образовниот процес, како и унапредување и инвестирање во дуалното образование. Дополнителна едукација на наставниот кадар, воведување наставни содржини соодветни за децата и интерактивна и практична настава. Потребно е во основните училишта да се опремени со најсовремени технички средства, училиштата да бидат хортикултурно уредени, а воедно да бидат безбедни со обучен кадар кој ќе може да реагира доколку се случи природна катастрофа, едносменски училишта, со добро осмислени активности во продолжен престој, училишта, во кој учениците ќе се чувствуваат среќни, задоволни, реализирани, велат тие.

На оваа тема можам да пишувам за потребите на Високото образование и тоа на државно ниво, а тоа се разбира дека се рефлектира и на работата на високообразовните институции кои се лоцирани во Охрид, вели деканот на ФТУ Проф. Д-р Цветко Андреески.

Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност да почне со работа. На 21 април 2021 година определени се членовите на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност. Советот имам голем обем на ингеренции во високото образование и научно-истражувачката работа кои се дефинирани со Законот за високото образование Оддел 2, членови 41-44. Со почеток на работата на овој совет ќе се решат многу проблеми во високото образование. Самиот факт што законот е донесен во 2018 година, а советот е избран во 2021, а неговата работа се уште не е започната онака како што се очекува, укажува на нефункционалноста на законот. Финансирање на Агенцијата за квалитет во високото образование. Иако постои оваа агенција, нејзиното финансирање, односно недостатокот на финансии не дозволува нејзино нормално функционирање. Надлежностите на оваа агенција се дефинирани во оддел 3 од Законот за високото образование, членови 45-58. Под оваа агенција се и Одборот за акредитација и Одборот за евалуација. Зголемување на фондот за финансирање на истражувачката дејност, односно дефинирање на национални научно-истражувачки проекти кои би резултирале со изработка на квалитетни научно-истражувачки трудови што би се објавиле во релевантни научни списанија. Пренос на ингеренциите за дефинирање на минимални стандарди за избор во звање од Законот на високото образование кон Агенцијата за квалитет, со дефинирани стандарди кои се компатибилни со европските, и изработка на стратегија за развој на квалитетот во високото образование, според соодветните стратегии кои се направени во други држави и даваат резултат, како што е тоа случај со Р. Словенија. Укинување на сите дисперзирани студии и интегрирање на помалите универзитети во поголеми, со цел да се подобри квалитетот на студиите и да се зголеми конкуренцијата во наставниот кадар и кај студентите.

Прашањето е комплексно и треба да биде разгледано од повеќе аспекти. Секое училиште има свои специфики, структура на ученици, техничка и инфраструктурна опременост, дали е средно или основно училиште, степен на обученост на наставниот кадар. Во сите училишта е започната рехабилитација на инфраструктурата и техничко опремување со дигитална опрема, нагледни средства и помагала, која во периодот кој следува треба забрзано да продолжи како предуслов за имплементација на новите наставни планови и програми кои се засновани на дигитализација на образовниот процес, вели директорот ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“  Сашо Недески.

Неопходни се обуки на наставниците за користење на современи техники за реализација на наставните планови и програми. Со отварањето на нови компании од поголем обем на производство се наметнува потребата стручните училишта да одговорат на потребите на компаниите со добро обучен кадар за нивните потреби за што одговор дава системот на дуално образование кој се практикува повеќе од сто години во високо развиените индустриски држави и кој систем кај нив дава врвни резултати. Во 2018 година Делегацијата на Германското стопанство во РС Македонија организираше студиска посета на Баварија каде е лоцирана главната индустрија во Република Германија при што беа посетени училишта, обучни центри и компании кои успешно практикуваат дуално образование,кој модел веќе четврта година се применува во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“-Охрид. Овој концепт на учење ги подобрува и унапредува практичните знаења и вештини на учениците кои по завршување на нивното школување ќе можат веднаш да ги применат во производниот процес за кои се обучени, што е крајна цел на воспитно образовниот процес. Во таа насока потребно е да се унапредува и инвестира во овој начин на учење од страна на МОН, Локалната самоуправа и компаниите кои се главен двигател на реформите во стручното образование, додава Недески.

Валентина Кузманоска, професор по одделенска настава во ООУ „Св.Климент Охридски” Охрид вели дека само добро опремени училишта можат да одговорат на потребите на новото време.

Училиштата во градот сакам да ги видам со хортикултурно уредени дворови, зеленило, средени патеки кои водат до училиштата, училишта со современ надворешен и внатрешен изглед, опремени училишта со најсовремени технички средства.

Во секоја училница да има лаптоп, принтер, телевизор, смарт табла, ЛЦД проектор, достапност до интернет во секое време, секое дете пред себе да има ИТ уред, дидактички материјали, опремени лаборатории. Само вака опремени училишта можат да одговорат на потребите и барањата на новата концепција во основното образование.

Сакам да видам училишта со фискултурни сали кои ќе бидат достапни за сите ученици и од предметна и од одделенска настава, кога временските услови не дозволуваат часовите да се одржуваат на игралиштата во училишниот двор. Тоа може да се постигне со спуштање завеси, паравани, кои просторот во салата, физички би го поделиле на два до три дела за да може истовремено да држат час ученици од повеќе паралелки, фискултурни сали опремени со направи за изведување корективни вежби – посебно за деформитети на стапалата – рамни стапала и деформитети на р’бетот, во соработка со стручни медицински лица. 

Едносменски училишта, со добро осмислени активности во продолжен престој, во кој учениците ќе се чувствуваат среќни, задоволни, реализирани,

Безбедни училишта, со обучен кадар како да постапува во услови на природни катастрофи, земјотрес, при пожар, како и обучен кадар за пружање прва медицинска помош кај одреден вид повреди.

Училишта во кои ќе се води грижа за здравиот начин на исхрана на учениците, посебно во училишта каде има училишни кујни и постои можност за приготвување на храна во нив во консултација со нутриционисти, училници во природа, во училишните дворови или непосредната околина, изработени од природни материјали, енергетски ефикасни училишта со сончеви колектори на покривите и искористување на големиот број сончеви денови во Охрид, училишта од кои ќе излезат ученици кои ќе се грижат за планетата Земја, и имаат правилно изграден став за заштита на истата, вклучување на компетентни лица од занаетчискиот сектор, кои ќе поттикнат интерес кај учениците за изучување на старите занаети кои се во изумирање, поголема грижа за талентираните и надарените ученици. Континуирано следење на развојот и напредокот од одделенска во предметна настава, но и при преминот во средните училишта и факултетите. Градот треба да има училишта со ботаничка градина.

Генерално земено, не само на образованието во Охрид, туку и на целокупното образование во државата му недостасуваат многу работи. Внесувањето на новитети во наставата и дополнително ситуацијата со Ковид 19 и тоа како се одразија врз образованието, вели Елизабета Јованоска Плевнароска, родител.

За жал ситуацијата со Ковид кризата и тоа како се одрази врз образованието на децата. Прво во однос на квалитетот на мината учебна година и знаењето кое го стекнаа учениците, и сега со начинот на воведување на сите новитети во наставата, за кои секако треба да помине време да можат истите да се имплементираат соодветно. Во овој поглед потребни се и обуки на наставниот кадар. Потребно е вработување на нов кадар полн со елан и желба да работи со децата, но и за полесно да се прилагоди на сите новитети во однос на дигитализацијата и on-line наставата. Во однос на програмата на часови недостасуваат содржини со кои ќе им се привлече вниманието и ќе се вклучат интерактивно децата на час. Треба да се воведат новитети во наставата, преку игра до полесно совладување на содржините. Жално, но сепак вистинито, наставните програми и содржините на учебниците се крајно несоодвени. Сетете се само какви стихотворби и четива сме учеле и ни се прераскажувале кога ние бевме деца. Децата за време на престојот немаат практична работа. Потребно е инвестирање и во инфраструктурни проекти во однос на обновување на постоечките сали и терени во училишта. Потребни се кујни каде ќе се подготвува храна или склучување договор со компанија која ќе доставува храна во училиштата, што повторно поради Ковид кризата, во моментов е така како што е. Мерките и протоколите за Ковид 19 кои треба да се почитуваат во училиштата дополнително ги оптоваруваат и децата и наставниците, а од друга страна мора да се внимава многу да се одржува хигиената. Недостига училишен превоз. Ни едно од училиштата во Охрид го нема тоа. Ние како родители сме приморани постојано да одиме и да ги земаме децата од пред врата. И секако за децата битен ни е и дневниот престој.

Н.С.Ј./К.А./Г.М.