Ако сте биле во Охрид, а не сте пробале охридско ѓомлезе, охридски ѓеврек, охридски чомлек  или охридска  торта значи не сте ги вкусиле сите убавини што ги нуди градот. Со овие зборови охриѓани ги опишуваат познатите охридски специјалитети, кои по уникатен рецепт се подготвуваат само во Охрид.


Туристите кои успеале да вкусат дел од овие спацијалитети најчесто имаат само пофални зборови за нивниот вкус и уникатност.

-Ги обожавам охридскиот ѓеврек и ѓомлезето и секогаш кога доаѓам во Охрид не пропуштам да пробам од овие пецива, кои се многу вкусни и сецифични, вели Лазо Карајошков, турист од Тетово.


Охридските угостители со кои успеавме да поразговараме велат дека освен домашните туристи и голем дел од странските туристи кои доаѓаат во Охрид често прашуваат што  е она што е традиционална охридска храна и често пројавуаваат желба да ја пробаат.

-На нашето мени од охридските специјалитети имаме ѓомлезе, охридски чомлек и охридска торта, но имаме и други традиционални јадења кои се препознатливи за овој регион, особено специјалитетите од риба и рибјата чорба, кои исто така ни се барани од странците, велат од неколку охридски ресторани.

Но и покрај тоа што овие традиционални охридски јадења се своевиден охридски бренд,  нашиот најголем туристички ценатар сеуште нема документ или сертификат со кој може да заштити дел од рецептите за подготовка на овие специјалитети, по примерот на Општина Штип, која минатата година ја брендираше Штипската пастрмајлија.

Туристичките работници кои секојдневно работат на промоција на градот во странство велат дека од исклучително значење е брендирањето на дел од охридските специјалитети.

-За поздравување е иницијативата на Охридската локална самоуправа која пред неколку години ја изготви веб страницата  www.nationalcuisine.mk на која има информации за традиционалните охридски специјалитети кои се подготвуваат во угостителските објекти во Охрид. Но секако од големо значење би било официјалното брендирање на некој од тие специјалитети, како што се ѓомлезето, ѓеврекот или охридската торта. Значи во иднина мора да се вложат напори и да се брендира барем еден од овие специјалитети, велат охридските тур-оператори.

И од Охридската локална самоуправа се согласуваат дека според новите регулативи на Европската Унија  веќе мора да се размислува  за брендирање на производи од храна кои се карактеристични за Охрид, како туристички центар.

-Постои размислување за брендирање на дел до охридските специјалитети како уникатни производи на Охрид, но тоа е премногу генерално и во рамки на можностите кои сега ги имаме. Постапката на брендирање е долга процедура  и бара дополнителни финансиски средстава, значи би морало да се определи посебен буџет за таа намена, бидејќи би требало да се ангажираат фирми или експерти кои имаат познавање од тој дел, вели Гоце Симоноски, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид.


Тој појаснува дека за оваа проблематика поголем интерес би требало да пројават и угостителите односно производителите на охридските специјалитети.

-Ние како локална самоуправа немаме обврска ниту пак можност да брендираме специјалитети и обично брендирањето на храна го врши оној што истата ја произведува. Општината тука може да помогне околу давање на конкретни предлози, може да ги мотивира  прозводителите и да ја подигне нивната  свест по важноста на ова прашање, потенцира Симоноски.

Тој додава дека Општината како организатор, може да покрене иницијатива за брендирање на  манфестацијата ,,Ѓомлезијада”, која веќе три години по ред се одржува во Охрид и има за цел да  го промовира охридскиот специјалитет ѓомлезе и неговиот традиционален начин на подготовка.

Е.М