Со долги овации охридската публика ги испрати актерите од Градсакиот театар, кои викендов во Центарот за култура премиерно ја изведоа претставата „Европа“ во режија на Софија Ристеска.


Овој своевиден “политички мјузикл” работен според текстови на Дејвид Грег, Ева Енслер, Рене Полеж и Горан Стефаноски како и лични материјали на актерите, говори за желбите, проблемите и потребата на земјата да влезе во Европаката унија. Претставата длабоко задира во чувствата на луѓето и на еден модерен, несекојдневен начин ја раскажува транзиционата приказна во која исчезнаа моралните вредности, надежта и перспективата на цели народи.

-Во „Европа“ ги разгледуваме темите во однос на нашата спремност или неспремност да влеземе во Европската унија, и нашата желба всушност Европа да влезе во нашата држава со што би се подобрил стандардот на живот, начинот на размислување. Не само Македонија да влезе физички во ЕУ, туку реално да создадеме почва Европа да се случи кај нас, изјави за OhridNews, режисерката Софија Ристеска.


Во претставата игра комплетната актерска екипа на охридскиот Градски театар, кој сеуште чека на официјална институционализација, за што преку Центарот за култура е изготвен и соодветен елаборат кој е доставен до Министерството за култура, а поддршка се очекува и од Локалната самоуправа.

-Се надевам дека тој елаборат многу брзо ќе се верификува. Ние направивме репертоар, опрема и глумци има, така да мислам дека основата за институционализација на Градскиот театар во Охрид е создадена.-рече актерот и режисер Горан Стојаноски.


По завршување на претставата во организација на Лајонс клубот„Лихнидос“, кој е иницијатор на обновувањето на Градскиот театар, се оджа хуманитарна забава на која присуствуваше актерската екипа. Средствата ќе бидат донирани на лица со посебни потреби и хуманитарни органзиации на кои Лајонс клубот „Лихнидос“ и досега несебично им помага.


„Европа“ е втора премиера на Градскиот театар кој започна да функционира оваа есен, а според најавите,  до крајот на годината, охридската публика ќе има можност да види уште една театарска премиера.

Г. Момироски